Британскиот производител Bentley го претстави освежениот Bentley Flying Spur, кој во својата четврта генерација добива значително освежен дизајн, нова спортска изведба S и уште повисоко ниво на луксуз.
Најголемата визуелна промена е предниот дел. Новиот Flying Spur го следи дизајнерскиот правец на моделот Bentley Continental GT и наместо досегашниот препознатлив распоред со четири светла, сега добива две поголеми предни светлосни групи. Ова е првата Bentley лимузина без традиционалното „четириоко“ лице уште од 1962 година. Дополнително се редизајнирани браникот, маската и задниот дел на каросеријата, со почист и помодерен изглед.
Една од најважните новини е враќањето на спортската верзија Bentley Flying Spur S. Таа користи V8 plug-in хибриден погон со вкупно 680 коњски сили, активна суспензија и електронска блокада на диференцијалот. Максималната брзина достигнува 308 km/h, што ја прави една од најбрзите луксузни лимузини на пазарот.
На врвот на понудата и понатаму останува Bentley Flying Spur Speed, кој располага со 782 КС и 1.000 Nm вртежен момент благодарение на новиот Ultra Performance Hybrid погон.
Во кабината Bentley не направил радикални промени, но тоа и не било потребно. Flying Spur и понатаму важи за еден од најквалитетно изработените автомобили во светот. Рачно обработената кожа, металните детали и вниманието кон секој елемент остануваат заштитен знак на моделот.
За купувачите кои бараат врвно аудио искуство, Bentley нуди специјален пакет „Virtuoso Collection“. Во него е вклучен аудиосистемот Naim for Mulliner со 21 звучник, чија цена достигнува околу 34.000 евра – сума за која може да се купи нов автомобил од компактната класа.
Основниот Flying Spur во Европа ќе стартува од околу 240.000 евра, додека спортската верзија Flying Spur S ќе чини над 256.000 евра. Првите испораки до клиентите се очекуваат во последниот квартал од 2026 година.
Со новиот дизајн, модерниот хибриден погон и уште побогатата опрема, Bentley сака да им понуди алтернатива на купувачите кои сметаат дека традиционалните луксузни лимузини како Mercedes-Benz S-Class или BMW 7 Series не се доволно ексклузивни.