Почетна Актуелно Неверојатен т...

Неверојатен тест во Индија: Камион истури 20 тони камења врз автомобил – еве што се случи

6

Индискиот производител Tata Motors реши на необичен начин да ја покаже издржливоста и безбедноста на својот нов модел Aeris. Наместо класични лабораториски тестови, компанијата буквално го затрупа автомобилот со огромна количина камења и шут.

Aeris е нов мал седан со почетна цена од околу 5.500 долари, а всушност претставува темелно модернизирана верзија на моделот Tigor, кој беше претставен во 2017 година. Новиот автомобил носи посовремен изглед, подобра опрема и освежена внатрешност, но ја задржува ниската цена.

Но, најголемо внимание привлече необичниот тест на издржливост.

На покривот истуриле 20 тони шут.

Tata најпрво го провела автомобилот низ длабока вода и по нерамен терен, а потоа следел главниот дел од тестот.

Камион натоварен со камења и градежен шут истурил вкупно 20 тони материјал директно врз покривот на Aeris. Автомобилот бил целосно затрупан, па од него речиси ништо не се гледало.

Откако материјалот бил отстранет, било забележливо дека покривот претрпел одредена деформација, а стаклата биле скршени. Сепак, најважниот дел од тестот бил резултатот во кабината.

Патничкиот простор останал зачуван, вратите можеле да се отворат, а автомобилот дури можел повторно да се стартува и да продолжи да се движи.

Од Tata велат дека со тестот сакале да ја демонстрираат цврстината на конструкцијата, но и безбедноста на системот за погон на CNG.

Мал автомобил со изненадувачки богата опрема

Aeris е долг 3,995 метри, има меѓуоскино растојание од 2,45 метри и располага со багажник од 419 литри.

Во најбогатите верзии се достапни 10,25-инчен мултимедијален екран, дигитална инструмент-табла, безжично полнење за два телефони, камера со 360 степени, задни паркинг-сензори, камера за снимање на возењето и вентилирани предни седишта.

Стандардно се добиваат и шест воздушни перничиња, додека најскапата верзија има и систем за следење на мртвиот агол.

Бензин или CNG

Aeris се базира на унапредената XAlpha платформа и се нуди со два атмосферски 1,2-литарски мотори.

Бензинската верзија развива 85 КС, додека моторот кој може да користи и CNG има 75 КС. Погонот е на предните тркала, а купувачите можат да изберат петстепен мануелен или петстепен автоматски менувач.

Најинтересен е сепак односот меѓу цената и она што го нуди автомобилот. Основната верзија чини околу 5.500 долари, додека најскапата изведба со CNG и автоматски менувач достигнува околу 10.200 долари.

Со ваква цена, Tata Aeris е поевтин од конкуренти како Hyundai Aura, Honda Amaze и Suzuki Dzire.