
Опел има долга историја во производството на каравани, а со студијата STX Concept сега нуди визија за тоа како би изгледал еден ваков автомобил во иднина. Традицијата на марката во овој сегмент датира уште од 1953 година и моделот Olympia Rekord Caravan, а продолжува сè до денес со моделот Astra Sports Tourer.
Концептот STX, чие име е кратенка за „Sports Tourer eXperimental“, беше претставен на Саемот за автомобили во Париз и го покажува правецот во кој ќе се развива целокупниот дизајн на Opel.
Нов дизајнерски правец и активна аеродинамика
Оваа студија носи понатамошна еволуција на дизајнерскиот јазик на Опел. Предниот дел е доминиран од познатата маска „Vizor“, но во осетно повисока и нагласена изведба. Надворешните рабови се дефинирани со вертикални светлосни ламели кои се стеснуваат кон средината, каде што се наоѓа осветлениот логото на марката. Заедно со наборот на поклопецот на моторот, овие елементи го формираат таканаречениот „Опелов компас“, дизајнерски детаљ кој се повторува и на задниот дел од возилото.
Гледан од страна, STX делува ниско и издолжено. Кратките препусти, долгото меѓуоскино растојание и стрмно отсечениот заден дел прават караванот долг околу 4,7 метри да изгледа осетно поголем. На спортскиот впечаток придонесуваат и силно нагласените браници, додека класичните ретровизори се заменети со камери. Задниот дел е дизајниран со остар вертикален раб, што заедно со тесните хоризонтални светла и осветлениот натпис Опел придонесува за подобра аеродинамика.
Посебно интересно решение е активната аеродинамика. Опел го опреми STX со подвижни елементи на каросеријата. При одредени брзини, под задниот дел се извлекуваат делови од дифузорот, а зад задните тркала вертикалните елементи можат да се поместуваат кон надвор или назад. На тој начин, протокот на воздух се оптимизира во зависност од ситуацијата во возењето и се намалува отпорот на воздухот.
Погонски систем и доаѓање на пазарот
Бидејќи станува збор за дизајнерска студија, конкретни технички податоци за погонот сè уште не се објавени. Познато е само дека STX Concept се движи на струја, има погон на сите тркала и постигнува максимална брзина поголема од 200 km/h. Податоците за моќноста, капацитетот на батеријата, досегот и брзината на полнење засега се непознати, па останува нејасно колку оваа студија е технички блиску до серискиот модел.
Главниот дизајнер на Опел, Флоријан Тајс (Florian Theis), ја објасни идејата зад концептот во разговор за Auto Bild. Малку е веројатно дека Astra Sports Tourer ќе биде првиот модел што ќе го преземе новиов дизајн, бидејќи тој караван беше редизајниран оваа година. Многу поизвесно е дека првиот автомобил со елементи од оваа студија ќе биде SUV кој Opel го развива во соработка со компанијата Leapmotor, чие претставување е закачено за 2027 година.