Почетна Актуелно Новиот „Кинез...

Новиот „Кинез“ воодушеви со дизајнот: Се чека серискиот модел (ФОТО)

12

Кинескиот Lepas Aura изгледа како спој на спортско купе и футуристички караван.

Кинеските производители продолжуваат да ја шират понудата на автомобилски брендови, а најнов пример е Lepas, марка што компанијата Chery ја основа во 2025 година за пазарите надвор од Кина.

По теренците L4, L6 и L8, претставен е концептот Aura, кој го најавува идниот дизајнерски правец на брендот, пишува CarScoops.

Aura комбинира елементи на караван со спортска линија (shooting brake) и низок хечбек со три врати. Каросеријата ја одликуваат кратка хауба, издолжено меѓуоскино растојание, широки браници и големи врати.

Посебно се истакнуваат необичните алуминиумски тркала со овални отвори и портокалови детали.

Предниот дел потсетува на Audi
Најголемо внимание привлекува агресивно обликуваниот преден дел. Големата затворена маска е поврзана со страничните отвори, додека тесните LED фарови потсетуваат на решенијата што ги користи Audi. Поединечни елементи асоцираат на новиот Audi RS5, додека форматот на светлата наликува на Audi A2 e-tron.

Задниот дел носи голем дифузор и светлосна лента преку целата ширина на возилото, при што задните светла имаат овални форми и претставуваат дигитален екран чиј изглед може да се приспособува. Интересно е и тоа што стаклената површина на кабинскиот простор делува како единствена целина, без видливи столбови на каросеријата.

Иван Дулановиќ, главниот дизајнер на брендот Lepas, истакна дека „концептот ја истражува елеганцијата преку свесност и едноставност, наместо преку излишни украси“.

Погонот сè уште не е откриен
Chery сè уште не ги објави техничките детали за концептот Aura, но нагласува дека автомобилот претставува визија за идните електрифицирани патувања. Зависно од моделот, Lepas веќе користи бензински, plug-in хибридни и целосно електрични погонски системи од понудата на матичната компанија.

Иако Aura за сега останува само дизајнерска студија, од компанијата најавуваат дека нејзините пропорции, површини на каросеријата, светлосни решенија и бои ќе влијаат врз изгледот на идните сериски автомобили.