
Германскиот автомобилски гигант Audi официјално го заврши производството на својот најлуксузен седан А8, со што стави крај на една ера која траеше цели 32 години.
Последниот примерок на оваа лимузина излезе од фабричката лента во германскиот погон во Некарсулм во средината на октомври, потврдуваат од компанијата.
Иако култниот модел заминува во историјата, од Audi уверуваат дека не се откажуваат од борбата со најголемите конкуренти како Mercedes S-Class и BMW Series 7.
Одлуката за наследникот на А8 е веќе донесена, а неговото претставување се очекува пред крајот на оваа деценија. Засега останува тајна дали новата луксузна лимузина ќе биде целосно електрична, хибридна или ќе задржи мотор со внатрешно согорување.
Кој доаѓа на врхот на понудата?
Додека пристигне новиот седан, улогата на најпрестижен и најскап модел во гамата на Audi ја презема новиот голем SUV модел – Q9.
Станува збор за масивен и луксузен теренец со три реда седишта кој ќе се произведува во Братислава. Овој модел е директно насочен кон купувачите кои претпочитаат доминантна појава на патот и максимална пространост, со што Audi конечно ќе им парира на Mercedes GLS и BMW X7 на пазарите каде што овие модели веќе долго доминираат.
Историјат и иднината на фабриката
Првата генерација на Audi A8 (позната како D2) беше претставена во далечната 1994 година и направи револуција во индустријата со својата целосно алуминиумска конструкција (Audi Space Frame). Оттогаш, низ четири генерации, овој модел беше синоним за врвна технологија и германски луксуз.
Ослободените капацитети во фабриката во Некарсулм во иднина ќе се користат за производство на моделите А5 Sedan и A5 Avant. Сепак, долгорочната иднина на овој погон останува неизвесна, со оглед на тоа што матичната Volkswagen групација во моментов се соочува со вишок на производствени капацитети во Европа и до јуни 2027 година треба да изработи нова одржлива стратегија за своите фабрики.
Купувачите кои сè уште сакаат да го купат актуелниот А8, повеќе не можат да го нарачаат по сопствена спецификација, туку можат да изберат само некој од преостанатите примероци кои се наоѓаат на залиха.