Почетна Актуелно Škoda го има ...

Škoda го има најпродаваниот електричен модел во Европа во октомври, Tesla падна на четвртото место

2

Моделот Škoda Elroq беше најпродаваниот електричен автомобил во Европа во текот на октомври со 9.384 регистрации, со што од врвот на табелата го симна Tesla Model Y, кој по рекордниот септември падна на четвртото место, пренесува Index Auto. Истовремено, електричните автомобили сочинуваа 31 отсто од сите нови регистрации на европскиот пазар.

Поредок во октомври
Според прелиминарните податоци на истражувачката куќа Dataforce, објавени од Automotive News Europe, Elroq ја зазеде водечката позиција и покрај падот на продажбата од 17,6 отсто во споредба со истиот месец минатата година. На второто место се пласира Renault 5 со 8.933 продадени примероци, додека трет е BMW iX1 со 8.359 возила.

Tesla Model Y во октомври забележа 8.309 регистрации, што претставува раст од 51,2 отсто на годишно ниво. Неговиот пад на четвртото место не е изненадување бидејќи Tesla најголем дел од испораките ги реализира во последниот месец од кварталот, па резултатите во првиот месец од новото тромесечје вообичаено се послаби. За споредба, во септември Model Y со 40.971 регистрација беше најпродаван автомобил во Европа без оглед на видот на погон.

Меѓу десетте најпродавани електрични модели во октомври се најдоа и три нови возила: Mercedes GLC, BMW iX3 и Renault Twingo.

Tesla и покрај сѐ води на годишно ниво
И покрај послабиот октомври, на годишно ниво поредокот останува непроменет. Од јануари до октомври продадени се 175.862 примероци од Model Y, додека Elroq е на второто место со 98.726 продадени возила, што значи разлика од повеќе од 77.000 автомобили. Третото место го држи Tesla Model 3 со 92.134 продадени возила.

Раст на електричните возила, пад кај бензинците и дизелите
Вкупно во октомври биле регистрирани 346.708 електрични автомобили, што е речиси 57 отсто повеќе отколку минатата година, а нивниот пазарен удел порасна од 21 на 31 отсто.

Од друга страна, продажбата на бензинци паднала за 18 отсто и тие сега заземаат 34 отсто од пазарот. Дизел возилата забележаа уште поголем пад од 26 отсто, па нивниот удел на пазарот изнесува само осум отсто.