Audi A8 се повлекува од германскиот пазар – нови модели не се најавени

Луксузната лимузина Audi A8 повеќе не може да се нарача во Германија, што отвори прашања за иднината на овој престижен модел на германскиот производител Audi.

Моделот неодамна исчезна од официјалниот онлајн конфигуратор на брендот на германскиот пазар, што практично значи дека нови нарачки повеќе не се примаат. Купувачите кои сакале да го конфигурираат и нарачаат автомобилот имале рок до средината на февруари, по што нарачките биле затворени.

Актуелната генерација на Audi A8 (D5) беше претставена во 2017 година, додека освежената верзија пристигна кон крајот на 2021 година. И покрај модернизацијата, продажбата не успеа значително да се подобри, особено во споредба со главните конкуренти како BMW 7 Series и Mercedes‑Benz S‑Class.

Во обид да се зајакне позицијата на моделот, на кинескиот пазар беше понудена и специјална продолжена верзија со историското име Audi A8 Horch, која требаше да конкурира на луксузната варијанта Mercedes‑Maybach S‑Class. Сепак, ни таа стратегија не донесе значително подобри продажни резултати.

Засега не е познато дали Audi ќе развие нова генерација на својот предводник во гамата. Иднината на моделот е неизвесна, особено во време кога производителите сè повеќе се насочуваат кон електрични автомобили и нови технологии.

Дополнителен предизвик претставуваат и построгите еколошки стандарди во Европа, кои значително ги зголемуваат трошоците за развој на класични мотори со внатрешно согорување.

НАЈНОВИ