Ауди го подготвува најголемиот караван досега – над пет метри должина

Ауди го подготвува својот најголем караван досега – модел кој би можел да надмине пет метри должина и да стане најдолгиот „Avant“ во историјата на брендот. Според информациите од Кина, станува збор за продолжена верзија наменета првенствено за кинескиот пазар, каде купувачите традиционално преферираат модели со повеќе простор на задната клупа.

Наводно, станува збор за Ауди A7L Avant, кој ќе се произведува во соработка со кинескиот партнер SAIC Motor. Моделот ќе биде базиран на европскиот Audi A6 Avant, но со продолжено меѓуоскино растојание и вкупна должина поголема од 4,99 метри, колку што изнесува стандардниот A6 Avant. Со тоа, новиот караван би можел да го надмине и концептот Audi Avantissimo, кој беше долг 5,06 метри.

На кинеските социјални мрежи веќе се појавија фотографии од задниот дел без камуфлажа. Дизајнерски, моделот ја задржува препознатливата Avant силуета, но со значително подолги задни врати и продолжен заден дел. Стоп-светлата користат OLED технологија со LED лента која се протега по целата ширина на возилото, додека регистарската табличка е преместена на браникот.

Предниот дел сè уште не е целосно откриен, но се очекува модерен изглед во согласност со најновиот дизајнерски правец на Ауди, со нагласена предна маска и поостри светлосни групи.

Во однос на моторите, се очекуваат бензински агрегати со благ хибриден систем, вклучувајќи 2.0 TFSI и 3.0 V6 верзии, во комбинација со седумстепен автоматски менувач и quattro погон на сите тркала. Сепак, главниот фокус ќе биде ставен на комфорот, луксузот и технолошката опременост, особено на задната клупа, каде се очекува дополнителен простор и напредни инфотејнмент системи прилагодени за кинеските купувачи.

Производството ќе се одвива во Кина, а официјалната премиера би можела да следи во наредните месеци. Засега останува неизвесно дали овој најголем караван на Ауди ќе се појави и на другите пазари надвор од Кина.

НАЈНОВИ