Почетна Актуелно Дачија Страјк...

Дачија Страјкер стигна на германскиот пазар: Со цената сериозно ја предизвикува Шкода Октавија

1

Дачија официјално ги отвори нарачките во Германија за новиот Striker, простран семеен автомобил кој има потенцијал да стане еден од нејзините најсилни продажни адути.

Со почетна цена од 21.990 евра, Striker е дури 10.850 евра поевтин од основната изведба на Škoda Octavia Combi, еден од најпопуларните каравани на европскиот пазар.

Dacia продолжува да ја шири понудата на модели кои на купувачите им нудат многу простор за релативно малку пари. Новиот Striker сега е достапен за нарачка во Германија, а објавениот ценовник покажува дека романскиот производител повторно сака да привлече купувачи на кои цената им е еден од најважните критериуми.

Striker е долг 4,62 метри, широк 1,81 метар и висок 1,53 метри, со меѓуоскино растојание од 2,70 метри. Станува збор за автомобил кој со своите димензии влегува во конкуренција на етаблираните семејни каравани, но со значително пониска почетна цена.

За споредба, Škoda Octavia Combi во Германија чини најмалку 32.840 евра, додека основниот Striker Essential чини 21.990 евра. Разликата е речиси 11.000 евра, што за многу купувачи би можело да биде пресудно. Се разбира, не станува збор за автомобили со идентична опрема и моторзација, но разликата во цената е доволно голема за Striker да стане интересна алтернатива.

Голем багажник и можност за возење на плин
Striker располага со багажник со волумен од 600 литри, кој со превиткување на задните седишта се зголемува на приближно 1.600 литри. Во зависност од моторот, може да влече приколка со маса помеѓу 1.250 и 1.500 килограми.

Основната моторзација би можела да биде особено интересна. Станува збор за благ хибрид со 140 КС, шестстепен мануелен менувач и можност за користење бензин и автоплин (LPG). Токму LPG е еден од традиционалните адути на Dacia бидејќи овозможува помали трошоци за гориво, што дополнително ја нагласува економичноста на автомобиливе. За жал, дизел мотори нема во понудата.

Што добиваат купувачите за 21.990 евра?
Најевтиниот Striker доаѓа со пакетот Essential, кој вклучува мануелен клима-уредед, камера за возење наназад, задни паркинг сензори и адаптивен темпомат. Сериски се вградени дигитални инструменти со дијагонала од седум инчи и среден екран на допир од 10,1 инч.

Тука се и LED светлата за кратко светло, халогените светла за долго светло со автоматско вклучување, како и копче со кое можат да се деактивираат одделни системи за помош на возачот. Основната боја е бела, додека двете достапни метални бои се доплаќаат по 720 евра.

Купувачите кои сакаат побогата опрема можат да ја одберат изведбата Expression, која со истиот мотор и мануелен менувач чини 23.390 евра. Таа носи двозонски автоматски клима-уредед, вентилациони отвори за патниците отзади, 17-инчни алуминиумски бандажи и возачко седиште со лумбална потпора.

Достапен е и автоматски менувач
Striker со 140 КС и автоматски менувач е достапен од нивото Expression, по цена од 25.190 евра. Цел хибрид со 155 КС чини најмалку 26.890 евра, додека хибридната изведба со 150 КС и погон на сите четири тркала започнува од 30.390 евра.

Најбогато опремените верзии Extreme и Journey нудат додатоци како панорамски стаклен кров, поголеми бандажи, навигација, модуларна подница на багажникот и електрично отворање на вратата од багажникот.

Интересно е што дури и најскапиот Striker со дополнителна опрема, според официјалниот конфигуратор, чини околу 32.780 евра. Тоа е сè уште нешто помалку од почетната цена на Octavia Combi, која изнесува 32.840 евра.

Dacia цели на купувачите на кои просторот им е поважен од престижот
Новинарите на германскиот портал Motor1 имаа можност да го разгледаат Striker на Саемот за автомобили во Париз. Нивните први впечатоци го потврдуваат она што се очекува од Dacia: материјалите во внатрешноста не се луксузни, а командната табла потсетува на онаа во Bigster.

Од друга страна, понудата на простор е многу добра, вклучувајќи ги и задните седишта, дури и во изведбата со панорамски кров. За конечна оценка за удобноста и возните својства сепак треба да се почека тест-возењето.

Dacia стандардно нуди тригодишна гаранција до 100.000 километри, со можност за продолжување според условите на програмата на германскиот пазар.

Striker би можел да привлече купувачи кои бараат простран семеен автомобил, голем багажник и прифатливи трошоци за користење, а не сакаат да издвојат повеќе од 30.000 евра за класичен караван. Останува да се види дали ќе успее да преземе дел од купувачите од исклучително популарната Škoda Octavia, но веќе е јасно дека цената е најсилниот адут на Striker.