Почетна Актуелно Електричните ...

Електричните автомобили носат заштеда на гориво, но постои еден скриен трошок на кој многумина не сметаат

2

Една од главните предности на електричните автомобили се пониските трошоци за редовно одржување – нема замена на моторно масло, а регенеративното сопирање значително го забавува трошењето на плочките за сопирачки. Сепак, кога станува збор за пневматиците, ситуацијата е сосема поинаква, пренесува B92 повикувајќи се на CarScoops.

Според податоците на компанијата Michelin, гумите кај електричните автомобили се трошат за околу 20 отсто побрзо отколку кај возилата со мотори со внатрешно согорување.
Поради тоа, сопствениците на електрични возила често се соочуваат со потреба од купување нов сет гуми веќе по поминати 20.000 до 40.000 километри. Цената на еден комплет пневматици за електричен автомобил лесно надминува 1.000 евра, во зависност од димензиите, класата на возилото и специфичните карактеристики – што е значително поскапо во споредба со класичните модели.

Поголема маса и моментален вртежен момент
Причината за повисоката цена и побрзото абење лежи во самата конструкција на возилата:

* Тежината на батериите: Поради големите батериски пакети, електричните возила се значително потешки од споредливите бензинци и дизели, па пневматиците мора да имаат дополнителни зајакнувања за да издржат поголеми оптоварувања.

* Силен старт: Електромоторите испорачуваат висок вртежен момент речиси моментално при притискање на педалата, што создава силно триење и го забрзува трошењето на шарата.

Поради овие фактори, производителите развиваат специјални гумени смеси и дезени кои го намалуваат отпорот при тркалање (за да се зачува автономијата на батеријата). Многу од овие гуми содржат и специјална пена за апсорпција на звук, бидејќи бучавата од асфалтот е многу позабележителна во кабината на тивките електрични возила.

Дополнителен трошок претставуваат и невообичаените димензии. На пример, првата генерација на BMW i3 користи високи и тесни пневматици со специфична конструкција – бидејќи ги користат мал број модели, нивното производство е поскапо, а долгорочната достапност може да биде ограничена.

Дали гумите за електрични возила ќе поевтинат?

Со растот на продажбата на електрични автомобили, гигантите како Michelin, Goodyear, Continental и Pirelli забрзано ја прошируваат понудата и го зголемуваат производството, а на пазарот влегуваат и попристапни брендови, што ја засилува конкуренцијата.

Сепак, иако се очекува одредено намалување на цените, поради специјалните зајакнувања, звучната изолација и поскапите материјали, пневматиците за електрични возила тешко дека некогаш ќе ја достигнат цената на стандардните гуми.