Geely постави нов безбедносен стандард: Starray EM-i издржа двоен удар

Кинескиот производител Geely повторно го привлече вниманието на автомобилската индустрија откако неговиот plug-in хибриден SUV, Geely Starray EM-i, успешно помина екстремен краш-тест што ги надминува актуелните Euro NCAP стандарди. Тестот беше спроведен во францускиот центар UTAC, акредитиран од Euro NCAP.

За разлика од класичните тестови, овој сценарио комбинирал два последователни удари во еден настан. Возилото најпрво било погодено странично од подвижна деформабилна бариера со брзина од 60 km/h, по што било оттурнато кон цврст столб на спротивната страна. Целта била да се симулира реална верижна сообраќајна несреќа со повеќекратни удари.

Според Geely, патничката кабина останала структурно стабилна и по двата удари. Воздушните перничиња се активирале правилно, системот за итни повици eCall автоматски испратил сигнал за помош, а вратите автоматски се отклучиле за полесна евакуација на патниците и пристап на спасувачките служби.

Особено внимание било посветено на безбедноста на батеријата. По тестот не биле пријавени критични оштетувања на високонапонскиот систем, што е еден од најважните аспекти кај современите електрифицирани возила.

Ова не е прво признание за моделот. Starray EM-i веќе има освоено максимални пет ѕвезди на тестирањата на Euro NCAP и ANCAP. Во Euro NCAP тестовите моделот постигнал 90% за заштита на возрасни патници и високи оценки во категориите за детска заштита, асистенција на возачот и заштита на ранливи учесници во сообраќајот.

Моделот е изграден на новата GEA платформа на Geely и користи напредни системи за активна и пасивна безбедност, вклучувајќи автоматско сопирање во итни случаи, следење на мртви агли, асистенција за задржување во лента и систем за детекција на замор кај возачот.

Со вакви тестирања Geely сака да покаже дека безбедноста повеќе не е ексклузивна предност на европските и јапонските производители. Напротив, кинеските брендови сè почесто не само што ги исполнуваат меѓународните стандарди, туку и доброволно ги надминуваат со дополнителни тестови кои симулираат реални и потешки сценарија на сообраќајни несреќи.

НАЈНОВИ