General Motors казнет поради погрешно прикажување на податоците за емисиите

Американскиот производител на автомобили General Motors (GM) ќе мора да плати речиси 146 милиони американски долари (135 милиони евра) казни бидејќи неговите возила испуштале повеќе штетни гасови отколку што пријавила компанијата, соопшти надлежниот регулатор…

Според американската Администрација за безбедност на сообраќајот на автопатите, прекршувањата се однесуваат на 5,9 милиони возила. Резултатите од тестирањето на емисиите на неколку модели на автомобили произведени помеѓу 2012 и 2018 година од Агенцијата за заштита на животната средина (ЕPА) покажаа дека тие произвеле повеќе од десет проценти повисоки емисии на CO2, според АFP.

 

Во март, администрацијата на американскиот претседател Бајден издаде построги правила за емисиите произведени од автомобили од американско производство.

Целта на ажурираните стандарди е да се ограничи количината на дозволени емисии, што треба да ги поттикне производителите на автомобили да го зголемат производството на електрични возила.

General Motors го затвори првиот квартал од оваа година со нето добивка од три милијарди долари (2,82 милијарди евра), што е за 24 отсто повеќе во однос на истиот период претходната година.

Приходите се зголемени за 7,6 отсто на 43 милијарди долари (40,36 милијарди евра).





НАЈНОВИ