Испораките на Porsche во првата половина од годинава паднаа за 7%

Porsche денеска објави дека забележал намалување на испораките во првата половина од tekovnata 2024 година, во контекст на зголемените трговски тензии меѓу Европската унија и Кина…

Според информативните агенции на Стариот континент, во периодот од јануари до јуни оваа 2024 година, Porsche испорача 155.945 возила на клиентите ширум светот, седум отсто помалку отколку во истиот период минатата 2023 година.

Испораките во Кина бележат уште поголем пад, имено тие „потонале“ за дури 33 отсто, покажува извештајот.

Остар пад на испораките

Остриот пад на испораките се совпадна со ескалацијата на трговските тензии меѓу ЕУ и Кина.

Брисел отвори серија истраги за кинескиот увоз поради можна државна помош што им гарантира на кинеските компании предност во однос на европската конкуренција.

Најавата за дополнителни увозни давачки предизвика бран критики меѓу германските производители на автомобили. Шефот на BMW, Оливер Зипсе, (Oliver Zipse) предупреди дека протекционизмот може да започне спирала на нови увозни давачки и изолација.

На почетокот на месецот, ЕК сепак воведе прелиминарни дополнителни царини, кои се движат од 17 до 38 отсто, поради „неправедните субвенции“, а Пекинг нагласи дека може да одговори со зголемување на тарифите за увоз на модели што се движат на бензинско гориво, по потекло од ЕУ, со мотори со работен волумен поголеми од 2,5 литри.

Слабост на домашното производство

Одговорот на Пекинг најмногу ќе им наштети на германските производители на автомобили, а најтешко е погоден токму Porsche, предупредуваат аналитичарите, бидејќи најмногу произведува автомобили во Германија и ги извезува во Кина, која, пак сочинува четвртина од глобална продажба на овој производител.

Porsche испорача 79.283 автомобили на клиентите во Кина во 2023 година, 15 отсто помалку отколку во 2022 година. Во првиот квартал од оваа година, неговата продажба падна за 24 отсто, делумно поради слабата потрошувачка во азискиот гигант.

Во првата половина од оваа година, компанијата испорача помалку возила на северно – американскиот пазар, вкупно 39.558, шест отсто помалку од 2023 година.

Падот во Кина и Северна Америка преовладуваше над подобрите резултати во Европа, кои покажаа испорачани 38.611 возила, шест отсто повеќе отколку во истиот период минатата 2023 година.

На домашниот пазар, во Германија, испораките на Porsche скокнаа за  впечатливи 22отсто.

 





НАЈНОВИ