Новиот целосно електричен модел Mazda6e освои максимални пет ѕвезди на престижните Euro NCAP краш-тестови, со што стана еден од најбезбедните електрични седани во својата класа.
Според официјалниот извештај, Mazda6e покажала одлична цврстина на каросеријата, стабилност на кабината и напредни системи за активна безбедност кои успешно помагаат да се избегнат или ублажат судирите.
Во категоријата „заштита на возрасни патници“, Mazda6e доби 93 проценти, при што тестерите посочуваат дека кабината останала стабилна и при силен фронтален удар.
Воздушните перничиња, сигурносните појаси и структурата на возилото овозможиле минимални повреди на сите делови од телото.
И во категоријата „заштита на деца“, резултатот е 93 проценти, што е меѓу највисоките оценки оваа година.
Mazda6e ги доби највисоките можни поени при тестовите со кукли на возраст од 6 и 10 години, и во фронтален и во страничен судир.
За ранливите учесници во сообраќајот – пешаци, велосипедисти и мотоциклисти – Mazda6e доби 74 проценти.
Системот за автоматско сопирање реагирал сигурно во повеќето сценарија, иако е забележано мало задоцнување при поголеми брзини.
Во областа на Safety Assist технологиите, автомобилот е оценет со 77 проценти.
Euro NCAP ги пофали функциите како одржување на лента, адаптивен темпомат и ограничувач на брзина, но препорача дополнителни подобрувања во системите што ја следат будноста на возачот.
Со комбинација од високо ниво на пасивна и активна безбедност, Mazda6e ја потврди својата позиција како еден од најсигурните електрични модели на пазарот.
Ова признание е уште еден доказ дека Mazda успева да го спои елегантниот дизајн, напредната технологија и безбедноста на највисоко ниво.