Volvo ја гаси производството на моделот V90 – последниот примерок оди во музеј

По речиси девет години на пазарот, Volvo официјално ја прекинува производството на својот луксузен караван V90, како и неговата крос-верзија V90 Cross Country. Последниот произведен примерок нема да заврши кај купувач, туку ќе биде зачуван како дел од Volvo Heritage колекцијата и изложен во музејот World of Volvo во Гетеборг.

Моделот V90 беше претставен во 2016 година, како наследник на серијата V70, а во 2020 доби благо освежување во дизајнот и технологијата. Во текот на производството, од фабриката излегоа речиси 250.000 примероци, што го прави еден од најуспешните каравани во понудата на Volvo во последната деценија.

V90 беше достапен со цела палета мотори – од 2,0-литарски дизел и бензински агрегати, па сè до plug-in хибридни верзии со моќност до 455 коњски сили. Моделот ја носеше препознатливата скандинавска елеганција, високо ниво на безбедност и комфор, поради што стана омилен избор кај семејствата и љубителите на практични, но премиум автомобили.

Од средината на 2023 година, Volvo веќе почна постепено да ги повлекува класичните лимузини и каравани како S90, S60, V60 и V90 од некои европски пазари, меѓу кои и Велика Британија, фокусирајќи се на SUV и електрични модели. Сепак, поради зголемената побарувачка, компанијата привремено ја продолжи продажбата на V60 и V90 на одредени пазари.

Според најавите, V60 ќе остане последниот караван во понудата на Volvo, но и неговата иднина е ограничена – се очекува производството да заврши по модел-годината 2026.

Со тоа, Volvo практично го затвора едно поглавје од својата историја и го пренасочува фокусот кон целосна електрификација и SUV сегментот, кои станаа главен приоритет во стратегијата на брендот.

НАЈНОВИ