Пристигнува одговорот на BMW i3: Mercedes подготвува нов електричен модел

Mercedes-Benz подготвува нов електричен модел кој директно ќе конкурира на новиот BMW i3, со што ривалството меѓу двата германски бренда влегува во нова фаза.

Според достапните информации, станува збор за електрична верзија на C-Class, која ќе биде поставена на новата MB.EA платформа – архитектура наменета исклучиво за електрични возила.

Новиот модел ќе користи 800-волтна технологија, што овозможува побрзо полнење и подобра ефикасност. Се очекува поддршка за DC полнење до 330 kW, што е блиску до врвот во индустријата.

Во поглед на перформансите, една од најавените верзии – C 400 4MATIC Electric – ќе располага со 360 kW (489 КС) и околу 800 Nm вртежен момент, со забрзување до 100 km/h за помалку од 4,5 секунди.

Голем адут ќе биде и автономијата. Mercedes цели на досег до околу 800 километри, што е нешто помалку од најавените 900 km кај новиот BMW i3, но сепак доволно за врвот на класата.

Дополнително, моделот ќе понуди напредни технологии како управување на задните тркала и адаптивна воздушна суспензија, преземени од повисоките класи на брендот, што треба да донесе подобра удобност и динамика.

Се очекува новиот електричен Mercedes да пристигне на пазарот во текот на 2026 година, кога директно ќе се соочи со новата генерација на електрични модели од BMW.

Со овој модел, Mercedes-Benz јасно покажува дека не планира да му ја препушти предноста на својот најголем ривал во сегментот на електрични премиум лимузини.

НАЈНОВИ