Профитот на германските производители на автомобили падна, на јапонските зголемени за 87 отсто

Германските производители на автомобили забележаа пад на продажбата и профитот во првиот квартал, покажува истражувањето на консултантската куќа EY, за разлика од јапонските компании кои имаат корист од послабиот јапонски јен…

Приходите на германските автомобилски компании во првиот квартал се помали за 1,7 отсто во однос на истиот период лани, а добивката за 25 отсто, покажа анализата на EY.

Приходите на Volkswagen, BMW и Mercedes-Benz изнесуваат 148 милијарди евра, покажуваат податоците на EY во анализата на клучните финансиски показатели на 16 водечки светски производители на автомобили.

Според информативните агенции, приходот на сите 16 компании се зголемил на почетокот на годината за 3,9 отсто, на приближно 493 милијарди евра. Добивката пред камати и даноци (EBIT) изнесуваше околу 33,8 милијарди евра и беше само малку повисока отколку на почетокот на 2023 година.

Сепак, профитот на јапонските производители скокнал за 87 отсто, а приходите за 17 отсто, пред се благодарение на значително послабиот јен, а со тоа и на значително поповолните цени на нивните автомобили за купувачите ширум светот.

Просечната EBIT маржа во групата од 16 члена беше 7,4 отсто, а јужнокорејската Kia беше најпрофитабилна со маржа од 13,1 отсто. Следат BMW со 11,1 отсто и Мercedes со 10,8 отсто, кои минатата година го зазедоа првото место, пред матичната компанија Opel и мултинационалниот гигант Stellantis.

Маржата на американскиот производител на електрични автомобили Теslа во првиот квартал беше приближно половина помала од минатата година и изнесуваше 5,5 отсто.

Групата компании вклучени во анализата на EY продала околу 15,5 милиони автомобили во 2023 година, приближно три милиони помалку отколку во првиот квартал од 2019 година, според агенцијата dpa.





НАЈНОВИ