
Германскиот гигант Volkswagen ги објави првите официјални фотографии од камуфлираниот прототип на новиот спортски компактен теренец – T-Roc R за 2027 година, чија официјална премиера е закажана до крајот на овој месец, пренесува Index Auto.
Новите снимени материјали откриваат каросерија со остри линии, пониска положба, пошироки тркала (најверојатно со 19-инчни масични обрачи) и препознатливиот спортски заден дел со четири издувни цевки, што јасно става до знаење дека станува збор за високоперформансна изведба карактеристична исклучиво за одделот R.
MQB Evo платформата и потенцијалните 333 коњски сили
Новиот T-Roc стигна на европскиот пазар кон крајот на 2025 година, а се темели на напредната MQB Evo платформа, која ја дели со актуелниот и освежен Golf. Токму таа техничка основа овозможува развој на новата спортска варијанта.
Иако Volkswagen сѐ уште ги чува во тајност точните технички спецификации, специјализираните медиуми претпоставуваат дека под хаубата ќе се најде познатиот 2,0-литрски четирицилиндричен турбо мотор од Golf R, кој развива околу 333 коњски сили и 420 Nm вртежен момент, во комбинација со погон на сите тркала. Ова претставува значаен скок во споредба со претходната генерација која нудеше 300 КС и 400 Nm.
Заради построгите еколошки норми, не се исклучува ниту можноста за воведување на 48-вонтен благ хибриден систем.
Дали ова е последниот R со класичен мотор?
Останува отворено прашањето дали оваа генерација ќе биде последната во која германската марка користи исклучиво мотор со внатрешно согорување за своите спортски модели. Плановите за иднината предвидуваат постепено префрлување на електрична архитектура, па со нетрпение се чека официјалната прес-конференција и комплетните податоци кои ќе ги отстранат сите дилеми.