Извршниот директор на Ford, Jim Farley, неодамна имал можност да тестира неколку кинески пикапови на австралискиот пазар, каде овој сегмент е особено популарен. Тестирањето му овозможило одблизу да ги согледа нивните предности, но и ограничувањата во споредба со моделите на традиционалните производители.
Австралија важи за едно од најтешките и најконкурентни пазари за пикапови, каде купувачите бараат издржливост, способност за оф-роуд и силни перформанси. Токму затоа кинеските производители последниве години агресивно настапуваат таму, обидувајќи се да се наметнат покрај утврдени модели како оние од западните брендови.
Според Фарли, кинеските пикапови нудат многу добра вредност за вложените пари, со богата опрема и модерна технологија. Тоа е една од нивните најголеми предности, бидејќи честопати се значително поевтини од конкурентите од Европа, Јапонија или САД.
Од друга страна, тој забележал дека некои модели сè уште имаат ограничувања кога станува збор за финалната изработка, возните карактеристики и издржливоста, особено во екстремни услови какви што често се среќаваат во Австралија.
Фарли и претходно предупредуваше дека кинеските производители стануваат сè посериозна закана за традиционалната автомобилска индустрија, особено поради брзиот технолошки развој и агресивната ценовна политика.
Токму затоа компанијата Ford внимателно ја следи конкуренцијата од Кина и анализира што може да научи од нивните модели, додека паралелно развива нови стратегии и возила за да остане конкурентна на глобалниот пазар.