Почетна Актуелно Start-stop си...

Start-stop системот може да ја намали потрошувачката и до 26 проценти – еве кога најмногу се исплати

1

Многу возачи веднаш го исклучуваат start-stop системот во автомобилот, но резултатите од едно истражување покажуваат дека оваа функција може значително да ја намали потрошувачката на гориво.

Start-stop системот автоматски го гасне моторот кога автомобилот ќе запре, на пример на семафор или во сообраќаен метеж, а повторно го стартува кога возачот сака да продолжи со возењето.

Често се наведува дека во градски услови оваа технологија може да донесе заштеда и до 15 проценти, но вистинскиот ефект зависи од условите во кои се вози. На отворен пат, каде што има малку запирања, придобивката е речиси занемарлива.

Истражување на американското Society of Automotive Engineers (SAE), спроведено во 2023 година на четири возила, ја мерело потрошувачката со вклучен и исклучен start-stop систем, користејќи три стандардизирани тестови.

Резултатите се особено интересни.

Во стандардниот градски FTP тест, потрошувачката била намалена за 7,27 проценти кога бил активен start-stop системот. Но, во NYCC тестот, кој симулира возење со чести запирања и повторни тргнувања, заштедата достигнала дури 26,4 проценти.

Од друга страна, ефектот бил значително помал при поагресивно возење, со чести и силни забрзувања.

Тоа покажува дека start-stop системот има најголема корист токму во ситуации кога автомобилот често стои со вклучен мотор. Колку повеќе време се поминува на семафори, во колони и во градски метеж, толку е поголем потенцијалот за заштеда на гориво.

Затоа, иако возачите често го исклучуваат системот поради навика или затоа што сметаат дека нема голема корист, бројките покажуваат дека во градска средина тој навистина може да направи забележлива разлика во потрошувачката.