
Британскиот бренд за луксузни автомобили Bentley ја претстави својата најнова колекција „Olympia“, лимитирана серија од само 12 уникатни примероци базирани на моделот Continental GT. Оваа специјална верзија, изработена од одделот за уникатни нарачки Mulliner, има една неверојатна карактеристика – процесот на нанесување на специјалната боја на секој автомобил трае повеќе од два работни дена, односно точно 56 часа рачна работа.
Уметност на лакирање без видливи преоди
Главниот адут на колекцијата е т.н. „Ombré by Mulliner“ завршна обработка. Станува збор за специјален прелив на бои (градиент) кој започнува од предниот дел на автомобилот обоен во специфична зелена нијанса наречена Verdant, а потоа постепено се прелева во многу потемна нијанса Midnight Emerald на задниот дел.
За да се спојат овие две нијанси на секој панел од каросеријата без притоа да се забележи каде завршува едната а каде почнува другата, на техничарите им се потребни 56 часа прецизна работа која вклучува нанесување на повеќе слоеви и рачни корекции.
Омаж на вековната историја на брендот
Колекцијата „Olympia“ не е создадена случајно. Таа оддава почит на 100-годишнината од претставувањето на историскиот модел 6 ½ Litre како комплетно завршен автомобил на саемот Olympia во Лондон во далечната 1926 година. Моторот на тој легендарен модел подоцна го придвижуваше тркачкиот автомобил Speed Six, кој победи на славната трка „24 часа Ле Ман“ во 1929 и 1930 година.
Луксузен ентериер и уникатни подароци
Внатрешноста е приказна за себе. Кабината комбинира премиум кожа во нијанси Coach Green и Cumbrian Green со специјална завршна обработка која дава автентичен патиниран изглед на старост. Ентериерот е дополнет со фурнир од орахово дрво со отворени пори обоено во црна боја, детали во боја на шампањ и контроли со дијамантски дезен.
Секој од 12-те среќни купувачи со својот автомобил ќе добие и:
• Специјална соодветна церада за покривање на возилото.
• Пригодна луксузна книга и уникатна кутија за примопредавање на клучот.
• Индивидуално нумериран рачен часовник „Brooklands“, чие ремче е изработено од истата зелена кожа што се користи во самата кабина на автомобилот.
Механичките спецификации и моќноста остануваат стандардни како кај класичниот Continental GT, а Bentley одлучи да ги задржи во тајност цената и пазарите каде што ќе бидат испорачани овие 12 ретки примероци.