Зошто не е мудро да возите со скоро празен резервоар — можни штети и ризици

Многу возачи ја имаат навиката да возат сè додека не се вклучи ламбичката за „резерва“, мислејќи дека така заштедуваат пари или време. Сепак, експертите предупредуваат дека редовното возење со речиси празен резервоар може да предизвика сериозни оштетувања на возилото.

Најголем ризик е тоа што пумпата за гориво може да се прегрее. Горивото во резервоарот, покрај тоа што служи за напојување на моторот, има и функција да ја лади пумпата. Кога нивото на гориво е премногу ниско, таа работи „на суво“, што може да доведе до скап дефект.

Дополнително, на дното на резервоарот се собира талог и нечистотија, а при ниско ниво на гориво пумпата ги „влече“ тие честички, кои можат да го затнат филтерот или да навлезат во системот за вбризгување. Последиците може да бидат послаба работа на моторот, неправилно согорување или целосно оштетување на системот.

Покрај механичките проблеми, возењето со „резерва“ претставува и безбедносен ризик – можете да останете без гориво во незгодна ситуација, на автопат или во место без бензинска пумпа во близина.

Стручњаците препорачуваат резервоарот никогаш да не се спушта под една четвртина од капацитетот, а кога ќе се вклучи ламбичката за резерва, треба што побрзо да се дополни гориво. Исто така, редовното чистење или менување на филтерот за гориво може да помогне да се намали ризикот од оштетувања.

Возењето со полупразен резервоар можеби изгледа како мала заштеда, но на долг рок може да ве чини многу повеќе — и во пари и во проблеми.

НАЈНОВИ