Форд во последните години речиси целосно се откажа од класичните лимузини и се насочи кон SUV модели и pick-up возила, но новите пазарни услови би можеле да го натераат американскиот производител да го преиспита тој пристап.
Раководството на компанијата признава дека сегментот на лимузини никогаш целосно не исчезнал, но проблемот досега бил во профитабилноста. Ford не успеа да биде доволно конкурентен во однос на ривалите како Toyota и Hyundai, поради што модели како Mondeo, Taurus и Focus беа исфрлени од понудата.
Сепак, ситуацијата на пазарот се менува. Цените на новите автомобили достигнаа рекордни нивоа, а купувачите сè повеќе бараат подостапни и практични возила. Во такви услови, класичните лимузини повторно стануваат интересна опција, бидејќи нудат пониска цена и подобра ефикасност во споредба со SUV моделите.
Од Форд не ја исклучуваат можноста за враќање на четворо-вратни модели, особено ако успеат да ги развијат на поекономични платформи или со електрифицирани погони. Иако засега нема конкретна најава за нов модел, пораката од компанијата е јасна – стратегијата останува флексибилна и ќе се прилагодува на побарувачката на пазарот.
Овој можен пресврт покажува дека дури и во ерата на SUV доминацијата, лимузините сè уште имаат своја улога, особено кога купувачите бараат разумна цена и класичен концепт на автомобил.