Шпански инженери претставија нов мотор кој работи на 100 проценти обновливо гориво, што претставува важен чекор кон намалување на штетните емисии и поодржлив автомобилски транспорт. Проектот е реализиран во соработка меѓу компаниите Renault, Horse Powertrain и енергетскиот гигант Repsol.
Станува збор за новиот мотор H12, развиен како еволуција на претходниот концепт HR12. Овој 1,2-литарски трицилиндричен турбо мотор е дизајниран да користи исклучиво обновливо гориво, при што постигнува висока ефикасност и значително помали емисии на CO₂ во споредба со класичните бензински агрегати.
Според достапните информации, термичката ефикасност на моторот надминува 40 проценти, што е значително подобрување во однос на конвенционалните мотори со внатрешно согорување. Дополнително, потрошувачката на гориво е околу 3,3 литри на 100 километри според WLTP циклусот, што е приближно 40 проценти помалку од просекот кај слични бензински мотори.
Инженерите вградиле и низа технолошки подобрувања, меѓу кои нов турбополнач, напреден систем за рециркулација на издувните гасови и подобрен стартен систем. Овие решенија треба да обезбедат подобра ефикасност, помала потрошувачка и пониски емисии.
Очекувањата се оваа технологија постепено да се појави во идните модели на брендови поврзани со проектот, а експертите сметаат дека ваквите мотори можат да имаат важна улога во транзицијата кон поеколошки транспорт, особено затоа што обновливите горива можат да се користат и во постојните возила без големи модификации.