Електричната Опел Корса GSE доаѓа со 278 КС: најмоќната корса досега

Опел подготвува нова, значително помоќна електрична верзија на својот популарен градски модел – Opel Corsa. Станува збор за спортската варијанта Corsa GSE, која ќе биде позиционирана на врвот на понудата и ќе донесе перформанси какви што досега не се видени кај овој модел.

Новата Corsa GSE се очекува да располага со електромотор со моќност од околу 278 коњски сили (207 kW) и вртежен момент од приближно 345 Nm. Силата ќе се пренесува на предните тркала, а автомобилот ќе добие и механички диференцијал со ограничено пролизгување, што треба да обезбеди подобро прилепување на подлогата и постабилно управување при динамично возење.

Покрај поголемата моќност, моделот ќе добие и низа технички унапредувања. Се очекува спортски подесена суспензија, посилни сопирачки и поагресивен дизајн, со што Corsa GSE ќе се издвојува од стандардните верзии. Ваквите промени имаат цел да ја направат електричната Corsa вистински „hot hatch“ автомобил.

Според достапните информации, автомобилот најверојатно ќе користи батерија со капацитет од околу 54 kWh, што би можело да обезбеди автономија од над 300 километри со едно полнење, во зависност од условите на возење.

Со овој модел, Opel сака да ја врати спортската традиција на своите мали автомобили, но овој пат во целосно електрична форма. Премиерата на новата Corsa GSE се очекува во текот на годината, кога ќе бидат објавени и повеќе детали за перформансите, цената и почетокот на продажбата.

НАЈНОВИ