Механичарите предупредуваат: Овие мотори е подобро да ги избегнувате при купување половен автомобил

При купување половен автомобил, изборот на мотор често е клучен фактор за тоа дали возилото ќе биде сигурно или ќе донесе скапи дефекти. Механичарите, кои секојдневно се соочуваат со различни проблеми во сервисите, предупредуваат дека постојат одредени мотори кои би ги избегнале при купување.

Еден од најчесто споменуваните е дизел моторот BMW N47, познат по проблемите со синџирот на тајмингот. Дефектот често бара скапа интервенција, бидејќи синџирот е поставен на задниот дел од моторот и неговата замена е сложена.

На листата се наоѓа и бензинскиот мотор Volkswagen 1.4 TSI од раните генерации, кај кој се пријавени проблеми со синџирот, турбината и зголемена потрошувачка на масло.

Механичарите предупредуваат и на моторот Ford 1.0 EcoBoost од првите години на производство. Кај него може да се појават проблеми со „влажниот“ ремен за тајминг, што во одредени случаи може да доведе до сериозни оштетувања.

Меѓу ризичните се споменува и бензинскиот турбо мотор PSA 1.6 THP, кој се користеше во повеќе модели на Peugeot, Citroën и Mini. Кај него се јавуваат проблеми со затегнувачот на синџирот, насобирање јаглерод во моторот и дефекти на турбината.

На листата се и моторите Audi 2.0 TFSI поради прекумерна потрошувачка на масло, како и Renault 1.2 TCe, кај кој е забележано забрзано абење на внатрешните компоненти.

Експертите советуваат дека при купување половен автомобил треба внимателно да се истражи репутацијата на моторот, бидејќи токму тој дел од возилото најмногу влијае на долгорочните трошоци за одржување

НАЈНОВИ