Германскиот производител Porsche размислува за значајна промена во својата гама на модели – можно обединување на спортските лимузини Porsche Taycan и Porsche Panamera во една заедничка моделска линија.
Според извештаи од автомобилските медиуми, компанијата ја разгледува оваа опција со цел да ги намали трошоците за развој и производство. Планот би подразбирал идниот модел да користи заедничка платформа на која би се нуделе електрични, хибридни и бензински верзии.
Во моментов, двата автомобили имаат слична позиција на пазарот и споредлива големина, но се базираат на различни технички основи. Porsche Taycan е целосно електричен модел, додека Porsche Panamera се нуди со класични бензински мотори и plug-in хибридни погонски системи.
Развојот на два посебни модели бара големи инвестиции, па нивното обединување би овозможило поголема ефикасност и подобро искористување на технолошките ресурси. Ваквата стратегија е дел од пошироките напори на Porsche да ги оптимизира трошоците во период кога автомобилската индустрија вложува огромни средства во електрификација и нови технологии.
Сепак, засега станува збор само за идеја што се разгледува во рамките на компанијата, а од Porsche сè уште нема официјална потврда дали навистина ќе дојде до спојување на моделите во иднина.