Техничкиот преглед е задолжителна постапка за сите возила, но многу автомобили не го поминуваат од прва. Најчесто станува збор за дефекти или недостатоци кои возачите ги сметаат за мали, но според правилата тие се доволни возилото да не помине на преглед.
Една од најчестите причини се неисправни светла и сигнализација. Дури и мала сијалица – на пример светлото над регистарската табличка – може да биде причина автомобилот да падне на технички преглед. Статистиките покажуваат дека токму проблемите со осветлувањето се најчестата забелешка при контролите.
Вториот чест проблем е системот за сопирање. Истрошени плочки, слаба рачна сопирачка или неправилна работа на сопирачките се сериозен безбедносен ризик и затоа често доведуваат до пад на прегледот.
Меѓу честите причини се и истрошени гуми. Ако длабочината на шарата не ги исполнува законските стандарди, возилото нема да може да помине технички преглед.
Проблем може да биде и корозијата на каросеријата или шасијата, особено ако станува збор за длабока рѓа на носечките делови на автомобилот. Таквите оштетувања директно влијаат на безбедноста на возилото.
Освен механичките дефекти, возилото може да падне и поради недостиг на задолжителна опрема, како триаголник, комплет за прва помош или противпожарен апарат.
Експертите советуваат возачите пред техничкиот преглед да ги проверат светлата, сопирачките, гумите и опремата во автомобилот, како и општата состојба на возилото. Со мала проверка и сервис однапред, во повеќето случаи може лесно да се избегне повторно одење на технички преглед.