Фиат го враќа Qubo – новиот Qubo L носи до 7 седишта и дизел мотор

Италијанскиот производител Fiat го враќа моделот Fiat Qubo L, овојпат во значително поголемо и попрактично издание наменето за семејства и активен начин на живот. Новиот модел нуди повеќе простор, флексибилен ентериер и богата понуда на мотори, вклучувајќи и дизел.

Qubo L е технички поврзан со модели како Peugeot Rifter, Citroën Berlingo и Opel Combo, бидејќи ги користи истите основи од групацијата Stellantis. Автомобилот ќе се нуди во две каросериски должини – пократка верзија од околу 4,40 метри и подолга од 4,75 метри која може да прими до седум патници.

Во внатрешноста, вториот ред има три индивидуални седишта, додека во третиот ред се наоѓаат уште две. Благодарение на поместливите и отстранливи седишта, автомобилот нуди дури 144 различни конфигурации на кабината, како и дури 27 места за складирање на предмети.

Под хаубата се нуди 1.2-литарски бензински мотор со околу 110 КС, но посебно внимание привлекуваат две дизел верзии со 100 и 130 коњски сили. Во понудата ќе има и електрична варијанта со 136 КС и батерија од 50 kWh, која нуди автономија од околу 340 километри со едно полнење.

Fiat исто така нуди и систем Extended Grip Control, кој помага при возење на лизгави подлоги како кал, снег или чакал, што го прави моделот практичен и за полоши патни услови.

Првите примероци на новиот Qubo L се очекува да пристигнат во продажба во текот на 2026 година, а моделот треба да биде еден од најпрактичните семејни автомобили во понудата на брендот.

НАЈНОВИ