
Eден стар Volkswagen Passat 1.9 TDI стана вистински пример за издржливост, откако поминал речиси 900.000 километри и сè уште се користи секојдневно на фарма во Холандија.
Станува збор за караван модел произведен во 2002 година, кој го купил фармерот Мартинус Хакворт. Со текот на годините автомобилот го возеле повеќе членови од неговото семејство, а најчесто служел како работно возило на фарма за овци, каде редовно се движел по земјени и неасфалтирани патишта.
Пасатот не бил користен само за превоз. Сопственикот открил дека автомобилот често бил користен и за различни задачи на фармата, па дури и како влечно возило, а во една ситуација помогнал и при извлекување на угината овца од канал.
По толку километри нормално е да се појават и проблеми. Според механичарите, автомобилот има истрошено квачило, повремени проблеми со вентилаторот, светнување на ABS-светлото и губење на сила кај моторот, а забележано е и истекување на масло и лоша состојба на сопирачките.
И покрај тоа, сопственикот не планира да се откаже од автомобилот. Наместо тоа, планира да ги поправи сопирачките и да продолжи да го користи, бидејќи, како што вели, „ова е нашето работно возило и неверојатно е што сè уште служи“.
Овој пример уште еднаш ја потврдува репутацијата на дизел моторот 1.9 TDI, кој важи за еден од најиздржливите мотори произведени од Volkswagen.


