Полски тјунер најави караванска верзија на Porsche 911: „Затоа што вие го побаравте“

Еден од најпрепознатливите спортски автомобили во светот наскоро би можел да добие неочекувано практична верзија. Полската компанија **Indecent Vehicles** официјално потврди дека нејзиниот проект за **Porsche 911 Shooting Brake** ќе влезе во производство.

Проектот е базиран на генерацијата 991 на Porsche 911 и претставува радикална преработка на култниот спортски автомобил. Наместо класичната купе форма, автомобилот добива продолжен заден дел, повисока линија на покривот и изглед инспириран од таканаречените shooting brake модели.

Сè започнало со неколку дигитални рендери објавени на социјалните мрежи. Компанијата ги прашала своите следбеници дали ваквиот автомобил треба да стане реалност, а реакциите биле исклучително позитивни. Еден од најпопуларните коментари гласел: „Не правете еден примерок. Направете многу.“

Само неколку дена подоцна Indecent Vehicles објави нови визуелизации и порача дека повеќе не размислува дали автомобилот треба да се произведува, туку кој ќе биде првиот сопственик. Сега пристигна и официјалната потврда дека проектот ќе стане сериски производ. Премиерата е најавена за вториот квартал од 2027 година.

Интересно е што компанијата сè уште нема конечно име за моделот. Иако најчесто се користи терминот „shooting brake“, од Indecent сметаат дека нивната креација можеби заслужува сосема нова ознака. Кај Porsche 911 ситуацијата е специфична бидејќи моторот е поставен назад, па не може да се добие класичен багажен простор како кај традиционалните каравански модели.

На социјалните мрежи веќе се појавија бројни предлози за името. Еден од најпопуларните е „1911“ – духовита игра на зборови што ја комбинира ознаката 911 со карактерот на shooting brake концептот.

Доколку проектот навистина стигне до производство во најавениот рок, Porsche 911 Shooting Brake би можел да стане една од најнеобичните и најексклузивни интерпретации на легендарниот германски спортски автомобил во последните години.

НАЈНОВИ