Почетна Актуелно Suzuki го нај...

Suzuki го најави најмалиот електричен автомобил за Европа: Пристигнува новиот Ignis

20

Suzuki го враќа моделот Ignis на европскиот пазар, овој пат како целосно електричен автомобил, пренесува Index Auto. Четвртата генерација, која пристигнува во 2027 година, со должина од 3,57 метри ќе биде помала од претходникот, но и од конкурентите како Dacia Spring, со што ќе стане најмалиот електричен четворосед достапен во Германија.

Продажбата на Ignis на европските пазари беше прекината во 2024 година поради построгите норми за емисија на CO₂, но моделот во Индија и на некои други пазари се нудеше сѐ до пролетта оваа година.

Димензии и инспирација од Јапонија
Со должина од 3,57 метри, новиот Ignis ќе биде 13 сантиметри пократок од моделот што го замени и речиси 30 сантиметри пократок од новата Dacia Spring. И покрај тоа, Suzuki тврди дека ќе понуди полноправни четири седишта. Дизајнот задржува кросовер елементи како нелакирани обрачи на тркалата, додека капакот на приклучокот за полнење се спушта до пластичните облоги.

Иако е исклучително компактен, Ignis е сепак преголем за официјално да се вброи во јапонската категорија „Kei-car“, чии законски ограничувања се максимална должина од 3,40 метри и ширина од 1,48 метри. Сепак, инспирацијата е очигледна и доаѓа од производител кој е експерт за тој сегмент – само во текот на 2025 година Suzuki продаде повеќе од 500.000 Kei-car модели, а неодамна претставениот Suzuki e Sky беше прогласен за автомобил на годината во Јапонија.

Фокус на пространост и прегледност
При дизајнирањето Suzuki не експериментираше, туку приоритет им даде на искористеноста на просторот и добрата прегледност. Од компанијата истакнуваат дека клучно било да се задржи Ignis како автомобил за четири лица. Внатрешноста е организирана едноставно, со дигитални инструменти и централен екран на допир кои визуелно се споени во една целина.

Новиот Ignis ќе биде втор глобален електричен модел на Suzuki, по неодамна претставената e Vitara. Техничката основа е платформата наречена „Heartect-e“, развиена со цел да спои компактна каросерија со висока енергетска ефикасност, лесно управување и пространа кабина.

Спецификации и очекувана цена
Според достапните податоци, Ignis ќе го придвижува новоразвиен електромотор со моќност од 91 КС и 133 Nm вртежен момент. Моторот, заедно со редукторот, е интегриран во т.н. „eAxle“ оска. Батеријата има капацитет од 26 kWh, но Suzuki сѐ уште нема објавено официјални податоци за опсегот со едно полнење.

Цената исто така сѐ уште не е позната. За да биде конкурентен на модели како Dacia Spring (чија цена стартува од 17.900 евра) или Leapmotor T03 (со цена од 18.900 евра), Ignis би морал да се позиционира во сличен ценовен опсег. За споредба, Suzuki во Јапонија го нуди сродниот модел e Sky по цена што одговара на износ од околу 12.000 евра.