Почетна Актуелно Автомобилите ...

Автомобилите пристигнуваат на Amazon во Европа: Еве како ќе изгледа купувањето

14

Amazon на почетокот на 2027 година во Обединетото Кралство ќе ја лансира платформата Amazon Autos, каде што купувачите ќе можат да пребаруваат и резервираат нови и половни автомобили.

Засега понудата е ограничена на Велика Британија, која станува првиот пазар надвор од САД на кој ќе биде достапна оваа услуга. Меѓу првите партнери ќе бидат Hyundai и британската групација Vertu Motors.

Резервација на Amazon, купување кај дилерот
Купувачите на британската страница на Amazon ќе можат да проверат кои возила се достапни, да ги видат цените и да ги разгледаат можностите за финансирање. Доколку сакаат да го заменат својот стар автомобил за нов, ќе можат да добијат и оквирна проценка за неговата вредност.

Одбраното возило ќе се резервира преку Amazon, а потоа кај дилерот ќе се потпишуваат документите и ќе се презема автомобилот. Цените ќе ги одредуваат самите трговци.

„Купувањето автомобил е едно од најголемите купувања во животот. Сметаме дека треба да биде исто толку едноставно и транспарентно како и секое друго купување на Amazon“, изјави Мет Нафорт, директор за меѓународно работење на Amazon Autos.

Кои автомобили ќе бидат во понудата?
Hyundai ќе нуди нови и половни електрични, хибридни и бензински автомобили, меѓу кои се Ioniq 3, Ioniq 5, Kona и i20. Уште од самиот почеток на платформата ќе бидат достапни и половни возила од групацијата Vertu Motors, додека Amazon во наредните месеци ќе ги објави имињата и на другите брендови и трговци.

Hyundai беше прв партнер на услугата и во САД, каде што Amazon Autos стартуваше во декември 2024 година. Според податоците на Amazon, платформата започнала во 48 американски градови, а денес е достапна во повеќе од 150 градови, со возила од 35 различни марки.