
Една од ситуациите што можат да го изнервираат секој возач е кога ќе го изгасне автомобилот, а бришачите ќе останат запрени на средина од шофершајбната. Иако на прв поглед изгледа како мал проблем, ваквото однесување може да укажува на дефект.
Во нормални услови, бришачите не треба да застанат случајно каде било. Дури и кога ќе го исклучите моторот или контактот, системот продолжува да работи доволно долго за бришачите да се вратат во нивната паркирна положба, односно на долниот дел од шофершајбната.
Како знаат каде да застанат?
За тоа е задолжен посебен електричен систем поврзан со моторчето на бришачите. Тој овозможува моторчето да продолжи да работи и по исклучувањето на контактот, сè додека бришачите не стигнат до правилната позиција.
Клучна улога има таканаречениот паркирeн прекинувач, кој најчесто е вграден во моторчето или во механизмот на бришачите. Тој го следи положбата на механизмот и му овозможува на системот да го прекине напојувањето токму кога бришачите ќе се вратат на предвиденото место.
Затоа, без разлика дали бришачите работат со мала или голема брзина, кога ќе ги исклучите тие нормално го завршуваат циклусот и потоа се враќаат долу.
Што значи ако останат на средина?
Доколку бришачите одеднаш почнат да застануваат на половина од шофершајбната или во различни положби, наместо на вообичаеното место, тоа може да биде знак дека нешто не е во ред.
Можни причини се:
дефект на моторчето на бришачите;
неисправен паркирeн прекинувач;
оштетен или откачен механизам;
проблем со електричните инсталации или каблите;
прегорен осигурувач или неисправно реле;
неправилно поставени рачки на бришачите;
мраз или друга пречка која го блокира движењето.
Понекогаш системот може привремено да продолжи да функционира, па возачот да го игнорира проблемот. Сепак, дефектот со текот на времето може да се влоши и на крајот бришачите целосно да престанат да работат.
Не го игнорирајте проблемот
Ова е особено опасно доколку дефектот се појави при силен дожд или снег. Бришачите се клучни за видливоста, а нивниот отказ може сериозно да ја загрози безбедноста во сообраќајот.
Затоа, ако бришачите почнат да застануваат на необични места, особено ако тоа се повторува, најдобро е автомобилот да се провери што е можно побрзо.
На крајот, она што изгледа како мала непријатност може да биде предупредување дека моторчето, електричниот систем или механизмот на бришачите имаат проблем.