BYD им дава бонуси на дилерите за рекордната продажба минатата година

Кинеската компанија BYD, која во четвртиот квартал го престигна Теslа во продажбата на електрични автомобили на глобално ниво, на своите кинески дилери ќе им подели награди во вкупен износ од две милијарди јуани (околу 282 милиони долари).

Кинескиот производител на автомобили ќе плати 666 јуани (93,17 долари) по продаден автомобил на дилери доколку тие ги постигнат своите продажни цели во 2023 година, велат изворите. Бројот 666 се смета за поволен број во Кина, бидејќи звучи како зборот „кул“ или „неверојатно“, пренесува Reuters.

Се проценува дека BYD ќе плати вкупно до две милијарди јуани, бидејќи минатата година беа продадени повеќе од три милиони парчиња електрични автомобили и plug-in хибриди. BYD брзо ја проширува својата продажна мрежа во Кина преку дилери за да ја зголеми продажбата, особено во помалите кинески градови.

BYD има повеќе од 3.400 продавници во Кина кои ги продадоа модели Dynasty и Ocean, најмногу продажни места од која било марка, според податоците на China Merchants Bank International.

BYD објави вкупно 21 милијарда јуани нето добивка во првите три квартали од 2023 година со продажба на повеќе од два милиони возила и компоненти како што се батерии и електроника за паметни телефони.

BYD продаде три милиони автомобили ширум светот во 2023 година, 62 отсто повеќе отколку во 2022 година, од кои 1,57 милиони се електрични возила, а останатите се хибриди. Компанијата Теslа објави дека во истиот период испорачала 1,81 милиони електрични возила, што е зголемување за 38 отсто во споредба со пред една година.





НАЈНОВИ