Дали вака ќе изгледа новата Fiat Panda?

Новата Fiat Panda е прикажана преку илустрации од веб-страницата Kolesa.ru, а тие ни даваат увид во можниот изглед на овој популарен  модел кој ќе се произведува во фабриката на Stellantis во соседна Србија…

Според претходните информации, новата Panda ќе биде претставена на 11 јули тековната 2024 година, кога Fiat слави 125-годишнина од своето постоење, но првите официјални слики треба да се очекуваат уште и пред таа дата. Новата електрична Panda ќе се базира на платформата Smart Car на Stellantis, како Citroen e-C3, и ќе користи LFP батерии. Сето тоа ќе му овозможи на автомобилот да има многу привлечна цена.

Се споменува сума до некаде околу 23.000 евра, но подостапна варијанта би требало да биде уште попристапна и би можела да се купи за помалку од 20.000 евра, Со тоа што поефтината верзија би требало да се појави подоцна на пазарот. Засега се спомнуваат електрични верзии со автономија од 200 и 320 km (последниот со батерии од 83 kW/113 КС и 44 kWh), како и благ (mild) хибриден бензински мотор со работен волумен од 1,2 литри , чија цена треба да биде околу 14.000 – 15.000 евра.

Исто така, подоцна наводно можеме да очекуваме и електрична варијанта со автономија поголема од 320 km. Новата Panda ќе биде долга приближно 4 метри, што значи дека претстојната генерација ќе го премости јазот до В-сегментот (супермини), особено кога станува збор за внатрешниот простор. Со EV платформата, можеме да предвидиме повеќе простор за патници во споредба со претходните повторувања, поврзан со попростран багажник. Оваа трансформација е овозможена со архитектурата на EV и подолгата каросерија која ќе го премине симболичниот праг од 4 метри (Citroen e-C3 е долг 401 cm), што бележи значително зголемување во однос на актуелниот модел од 3653 mm.

Освен во погоните во соседна Србија, во Крагуевац, новата Fiat Panda ќе се произведува и во фабриките на Stellantis инсталирани во Северна Африка и во Јужна Америка. Избраните фабрики треба да бидат Кенитра во Мароко и Бетим во Бразил (можеби под друго име во Бразил). Во Италија би останала во производство само актуелната верзија на Panda, која ќе продолжи да се произведува во Помиљан до крајот на 2026 година, под името Pandina.





НАЈНОВИ