
Форд е во напредни преговори за продажба на дел од својата фабрика во Валенсија, Шпанија, на кинескиот автомобилски гигант Geely. Според повеќе медиумски извештаи, Geely ќе преземе дел од производствените капацитети во комплексот Almussafes, каде планира производство на сопствени модели за европскиот пазар.
Станува збор за таканаречениот „Body 3“ производствен погон, кој во моментов е недоволно искористен откако Ford ги прекина моделите Mondeo, S-Max и Galaxy. Geely наводно сака таму да произведува нов SUV базиран на својата GEA платформа, која поддржува хибридни, plug-in хибридни и целосно електрични модели.
Иако Ford официјално не ја потврди продажбата, компанијата призна дека разговара со повеќе партнери околу идни соработки во Европа. Geely, пак, не коментираше директно, но според извори блиски до преговорите, договорот е во многу напредна фаза.
Овој потег е дел од поширок тренд на кинеските производители да отвораат производство во Европа со цел да ги избегнат европските царини за автомобили произведени во Кина. Geely веќе поседува брендови како Volvo и Polestar, а во последните години агресивно го шири своето присуство на европскиот пазар.
За Ford, партнерството би значело подобро искористување на фабриката во Валенсија, која последните години работи со значително намален капацитет. Производството во фабриката падна од повеќе од 345.000 возила во 2019 година на помалку од 100.000 во 2025 година.


