
Американскиот автомобилски гигант Ford Motor Company веќе во првите месеци од годината повлече околу 7,4 милиони возила ширум светот поради различни технички проблеми, продолжувајќи го трендот на голем број сервисни повици од претходните години.
Според достапните податоци, досега се издадени 18 различни повици за сервис, кои опфатиле повеќе модели на брендот. Најголемиот повик се однесува на околу 4,4 милиони возила, претежно пикап модели од серијата F-Series, кај кои е откриен софтверски проблем што може да предизвика неисправно функционирање на светлата и сопирачките на приколка.
Покрај тоа, дел од повиците се поврзани со проблеми со батериите, сопирачките, задната суспензија, бришачите и камерата за возење наназад, што може да влијае врз безбедноста на возењето. Затоа компанијата ги повикува сопствениците на погодените модели да ги однесат своите возила на сервис, каде дефектите ќе бидат отстранети бесплатно.
Интересно е што Ford и минатата година постави рекорд со повеќе од 150 повици за сервис, кои опфатиле речиси 13 милиони автомобили. Според аналитичарите, големиот број повици не значи нужно пад на квалитетот, туку и поагресивна стратегија на компанијата за брзо откривање и решавање на потенцијални проблеми.
Компанијата наведува дека ги зголемила тимовите за техничка контрола и тестирање со цел побрзо да ги идентификува и отстрани можните дефекти, со што сака дополнително да ја подобри безбедноста на своите возила и довербата на купувачите.


