Како настана тестот 0-100 km/h: Идејата потекнува од автомобилски новинар од 1940-тите

Денес забрзувањето од 0 до 100 km/h е еден од најважните показатели за перформансите на автомобилите. Производителите често ја истакнуваат токму оваа бројка во спецификациите и рекламите, но малкумина знаат дека овој стандард не потекнува од автомобилските компании, туку од еден новинар.

Сè започнало во 1940-тите години кога американскиот автомобилски новинар Tom McCahill почнал да тестира автомобили и да ги мери нивните перформанси. Тој работел за списанието Mechanix Illustrated и бил познат по тоа што вовел нов начин на споредување на автомобилите преку реални тестови на пат.

Во 1946 година, Tom McCahill првпат објавил тест во кој измерил колку време му е потребно на еден автомобил да забрза од 0 до 60 милји на час (околу 96 km/h). Овој податок бил едноставен, разбирлив и лесен за споредување, па брзо станал популарен меѓу читателите.

Со текот на времето и другите автомобилски списанија почнале да го користат истиот метод, а тестот станал стандард во автомобилската индустрија. Во САД најчесто се користи 0-60 mph, додека во Европа се применува 0-100 km/h, но принципот е ист – да се измери колку брзо автомобилот може да забрза од место до типична патна брзина.

Денес оваа бројка е еден од најпознатите показатели за перформансите на секој автомобил, а традицијата започната од еден новинар пред речиси осум децении и понатаму игра важна улога во автомобилскиот свет.

НАЈНОВИ