Компанијата на Мате Римац – Verne, во соработка со компанијата VGP започнува со изградба на фабрика за големо производство на автономни електрични возила…
Фабриката ќе биде лоцирана во Загреб, во областа Лучко, во рамките на VGP Park Zagreb, на површина од 28.500 метри квадратни. Сите возила на Verne ќе се произведуваат во Хрватска и ќе се извезуваат низ целиот свет.
Verne , како што во уводот кажавме компанија на Римац, која неодамна го претстави својот иновативен екосистем на урбана автономна мобилност, започнува со изградба на објект каков што досега не е виден во Хрватска. Во рамки на новиот деловен парк од 8 хектари во Лучко – VGP Park Zagreb, на 28.500 метри квадратни ќе има фабрика за масовно производство на автономни електрични возила. Производниот капацитет за Verne ќе го гради белгиската компанија VGP што е нејзина прва инвестиција во Хрватска.
– Ја најдовме идеалната локација и вистинскиот партнер за изградба на нашиот прв производствен капацитет за автономни возила во Загреб. Тука ќе се произведуваат сите возила на Verne. Во Хрватска ќе се произведуваат возила за сите пазари, со што нашата земја ќе добие клучна улога во модерната автомобилска индустрија. На самиот почеток ќе се произведуваат неколку стотици возила, а потоа фабриката ќе може да произведува и до 10.000 возила годишно. Обемот на производство ќе се зголемува со текот на времето, следејќи ја динамиката на проектот. Изградбата на овој производствен капацитет за големо производство претставува клучен чекор за нашиот проект, но и за целата држава. Ќе отвориме бројни висококвалитетни работни места и на тој начин ќе ја привлечеме и задржиме работната сила во Хрватска – истакнува Марко Пејковиќ, извршен директор на Verne.
Фабриката ќе користи напредна технологија за производство, склопување и тестирање на автономните возила Verne. Неговата реализација ќе донесе бројни придобивки за Хрватска и претставува значителен напредок кон дигиталните и зелените технологии.
Подготовките за изградба се веќе започнати, а градежните работи се очекува да започнат кон крајот на летово. Фабриката ќе биде завршена и опремена во текот на 2025 година, додека работите ќе започнат на почетокот на 2026 година.
VGP инаку е паневропска компанија која се занимава со градежништво и менаџмент и е сопственик на недвижен имот од областа на логистиката и високо квалитетното полу индустриско производство.
Компанијата VGP применува целосно интегриран бизнис модел, со помош на капацитет и долгорочно професионално искуство долж целиот синџир на вредност.
Основана во 1998 година во Белгија како подружница фокусирана на проекти за развој на недвижности во Чешка, денес има околу 368 вработени со полно работно време во 17 европски земји.