Lexus го претстави новиот електричен SUV: Три реда седишта и звук како легендарниот LFA V10

Lexus официјално го претстави новиот TZ – првиот целосно електричен SUV на марката со три реда седишта. Новиот модел е позициониран како луксузна електрична алтернатива на Lexus TX и директен ривал на модели како Volvo EX90.

Новиот TZ се одликува со модерен и агресивен дизајн, со остри линии, затворена предна маска и препознатлив LED светлосен потпис. Внатрешноста е фокусирана на комфор и технологија, со шест седишта распоредени во три реда, голем централен екран и премиум материјали. Lexus тврди дека ова е најтивкиот SUV што досега го произвел брендот.

Еден од најинтересните детали е можноста електричниот SUV да репродуцира звук инспириран од легендарниот Lexus LFA V10 мотор. Системот симулира спортски звук и виртуелно менување брзини, со цел да понуди поемотивно возачко искуство, слично на она што го нудат некои спортски електрични модели од новата генерација.

Според првичните информации, TZ ќе биде достапен со две батерии – 77 kWh и 96 kWh, додека автономијата би требало да достигне околу 500 километри според WLTP циклусот. Моделот ќе користи два електромотори и погон на сите тркала, со моќност поголема од 400 КС кај најсилните верзии.

Lexus најавува дека новиот TZ ќе пристигне во продажба кон крајот на 2026 година, а повеќе технички детали и цени ќе бидат објавени дополнително.

НАЈНОВИ