Mercedes‑AMG ќе ги повлече неколку популарни модели поради новите прописи за бучава

Легендарниот спортски оддел на Mercedes – AMG, ќе мора да повлече неколку од своите најпознати модели поради новите европски прописи за ниво на бучава кај моторните возила.

Според информациите од внатрешен документ до дилерите, новата регулатива UN-R51.03 стапува на сила на 1 јули 2026 година, а тоа значи дека неколку актуелни AMG модели нема да можат да ги исполнат строгите стандарди.

Меѓу првите кои ќе заминат се AMG C 43, GLC 43 и GLA 35, чието производство ќе престане во февруари 2026 година. Малку подоцна, во мај 2026, ќе заврши и производството на plug-in хибридите C 63 S E Performance и GLC 63 S E Performance.

Од Mercedes-AMG засега не даваат официјален коментар, но експертите потврдуваат дека токму новите ограничувања на бучавата се причината за овие промени. Новите регулативи строго го контролираат интензитетот на звукот што возилата го создаваат при забрзување и возење, што претставува предизвик особено за спортските модели.

Сепак, AMG нема намера да го намали своето присуство — напротив, компанијата најавува најголема производна офанзива во својата историја, со акцент на електрични и хибридни спортски модели кои ќе ја задржат препознатливата динамика, но ќе бидат потивки и поеколошки.

Со оваа промена, Mercedes-AMG прави чекор кон иднината — каде брзината и перформансите ќе останат, но гласноста на моторот ќе биде минато.

НАЈНОВИ