Со доаѓањето на ниските температури, многу возачи забораваат на една важна работа – притисокот во гумите. Токму зимата е период кога овој фактор има најголемо влијание врз безбедноста, потрошувачката на гориво и трајноста на гумите.
Експертите предупредуваат дека во студено време воздухот во гумите се стега, а со тоа паѓа притисокот. Се проценува дека за секое намалување на температурата од 10°C, гумата губи околу 0,06 бара притисок. Затоа е важно редовно да се проверува, барем еднаш месечно.
Просечниот препорачан притисок за повеќето патнички автомобили изнесува од 2,0 до 2,4 бара, но точната вредност секогаш е наведена на рамката на возачките врати или на капачето од резервоарот.
Многу возачи веруваат дека во зима треба да ја „олабават“ гумата – односно да ја напумпаат помалку, за да има подобро „држење“ на снег и мраз. Но, тоа е погрешно уверување. Пренискиот притисок може да предизвика послаба стабилност, подолг пат на кочење, неправилно трошење и дури оштетување на гумата.
Со правилен притисок се обезбедува подобро управување, рамномерно трошење и поголема безбедност. Притоа, притисокот треба секогаш да се мери кога гумите се ладни, бидејќи возењето ја зголемува температурата и може привремено да го зголеми резултатот.
Совет на експертите: проверувајте го притисокот најмалку еднаш месечно во зимскиот период, а доколку немате систем за следење (TPMS), бидете особено внимателни.
Малата проверка на гумите може да направи голема разлика – за вашата безбедност, удобност и паричник.