
Култниот Mercedes C 111 оди на аукција во Париз, при што се очекува да достигне цена од повеќе десетици милиони евра, пренесува B92 повикувајќи се на DPA. Германскиот производител никогаш досега нема продадено ниту еден од 17-те изработени прототипски примероци, а сега за прв пат планира да понуди еден на пазарот.
Моделот под шифрата „возило 33“ од 1970 година ќе биде понуден на аукција на 3 февруари 2027 година во Лувр во Париз. Портпарол на Mercedes изјави дека компанијата очекува продажба за десетици милиони евра.
Само 13 примероци останале по 1970-тите
C 111 е прототип на суперавтомобил со врати кои се отвораат нагоре, како крила. Mercedes произведе вкупно 17 единици: едно возило било уништено во креш-тест, додека три биле демонтирани уште во 1970-тите години.
Компанијата ги задржа сите преостанати 13 примероци и ниту еден од нив досега не беше понуден на продажба. Со цел да ги зачува ексклузивноста и цената, фабриката се обврза дека по оваа аукција, во период од најмалку 25 години, нема да продаде ниту еден од преостанатите возила од својата колекција.
Централно поставен Ванкел мотор со 350 КС
Овој прототип располага со 4-цилиндарски, централно поставен Ванкел мотор со 350 коњски сили. Возилото наменето за продажба е деконзервирано и оспособено за возење во 2024 година.
Mercedes планира целиот приход од продажбата да го вложи во развојот на својот музеј во Штутгарт, вклучувајќи и поставување на виртуелна тура.
Концернот од Штутгарт во поново време веќе привлече големо внимание со продажбата на неколку исклучително ретки автомобили. Така, во 2022 година, според сопствените наводи, продаде еден од само двата постоечки примероци на моделот 300 SLR Uhlenhaut за 135 милиони евра, што дотогаш претставуваше рекордна сума платена за некој автомобил.