
Кинеската луксузна електрична лимузина Maextro S800 успеа да направи вистинска сензација на домашниот пазар, откако нејзината продажба во Кина ги надмина комбинираните резултати на моделите BMW 7 Series, Porsche Panamera и Mercedes‑Maybach S‑Class.
Моделот е развиен во соработка меѓу технолошкиот гигант Huawei и автомобилскиот производител JAC Motors. S800 се појави на пазарот во 2025 година и за кратко време стана најпродавана луксузна лимузина во Кина во сегментот над 100.000 долари.
Само во декември 2025 година биле продадени околу 4.376 примероци од овој модел, што е повеќе од вкупната продажба на Panamera, BMW Серија 7 и Maybach S-Class во истиот период.
Една од причините за успехот е комбинацијата од напредна технологија, луксузна опрема и пониска цена во однос на европските конкуренти. Почетната цена на S800 во Кина изнесува околу 100.000 долари, што е и до 40 проценти пониско од некои европски ривали во истиот сегмент.
Аналитичарите сметаат дека овој успех е знак за растечката моќ на кинеските производители во луксузниот сегмент, кој традиционално беше доминиран од германските брендови. Новите генерации купувачи во Кина сè повеќе се ориентираат кон домашни производители кои нудат модерна електрична технологија и напредни дигитални системи.
Со вакви резултати, Maextro S800 се наметнува како сериозен конкурент на најпознатите луксузни лимузини и покажува дека кинеските брендови сè посилно навлегуваат и во највисоката класа на автомобилскиот пазар.


