Почетна Актуелно Од новите авт...

Од новите автомобили исчезнува шипката за мерење масло: Зошто производителите го укинуваат овој проверен дел?

7

Децении наназад, проверката на нивото на моторното масло беше една од основните и најнекомплицираните работи што ги прави секој возач. Кревањето на хаубата, влечењето на мерната шипка и бришењето со крпа кај се поголем број нови автомобили заминуваат во историјата.

Производителите забрзано ги менуваат механичките со електронски сензори кои нивото на подмачкување го отчитуваат автоматски и го прикажуваат на дигиталната инструмент табла или на централниот екран.

Главната причина за овој потег лежи во промената на навиките на самите купувачи. Претставниците на автомобилската индустрија истакнуваат дека современите возачи сè поретко самостојно ја проверуваат состојбата под хаубата.

Портпаролот на групацијата Stellantis, Дејл Џевет, потврди дека денешните корисници не сакаат да си ги валкаат рацете, туку очекуваат возилото само навремено да ги извести доколку нивото на течноста опаднало. Слична одлука донесе и Mercedes-Benz, кој класичните шипки целосно ги исфрли од своите патнички модели, тврдејќи дека автоматизираните системи ги спречуваат грешките на возачите при рачното мерење и претераното полнење на моторот со масло.

Комодитет со скриени мани и ризик од дефект
Сепак, дигитализацијата на оваа едноставна функција носе и нови компликации. Кај многу современи автомобили сензорот бара специфични услови за отчитување: моторот мора да ја достигне работната температура, возилото мора да стои на целосно рамна подложба, а самиот податок е неретко скриен длабоко во менијата на мултимедијалниот систем.

Друг голем проблем е доверливоста. Механичката метална шипка никогаш не може да се расипе, додека електронското мерење целосно зависи од исправноста на сензорот, електричните инсталации и софтверот. Доколку сензорот затаи, возачот останува без каква било можност со свои очи да ја провери реалната состојба во моторот.

Поради тоа, многу сервиси и автомобилски ентузијасти сметаат дека целосното укинување на шипката е непотребен потег, бидејќи паралелното постоење на сензор за рано предупредување и класична шипка за физичка проверка би претставувало најсигурна комбинација за долговечноста на моторот.