Повеќето автомобили со текот на времето губат вредност, но постојат и модели чија цена постепено расте и со годините можат да станат добра инвестиција. Станува збор за возила кои полека преминуваат од категоријата половни автомобили во таканаречени „youngtimer“ и идни класични модели.
Експертите посочуваат дека интересот за вакви автомобили расте бидејќи современите модели се сè повеќе електрифицирани и преполни со електроника, додека постарите нудат поедноставна механика, атмосферски мотори и рачни менувачи – карактеристики што стануваат сè поретки на пазарот.
Меѓу моделите на кои им расте вредноста се издвојува Alfa Romeo 156 GTA. Овој спортски седан е познат по легендарниот V6 „Busso“ мотор и препознатливиот италијански дизајн. Бидејќи многу примероци со текот на времето се уништени или лошо одржувани, добро зачуваните автомобили денес стануваат сè поретки и побарани.
Сè поголема популарност има и роудстерот Mazda MX-5, кој е познат по одличната распределба на тежината и едноставната механика. Со намалувањето на бројот на зачувани примероци, цените на овој модел постепено растат.
Во сегментот на теренците се издвојува легендарниот Toyota Land Cruiser, модел познат по својата издржливост и способност за возење на тежок терен. Токму поради робусната конструкција и сигурноста, добро одржуваните примероци стануваат сè поскапи.
Интерес кај љубителите на автомобили привлекува и спортскиот BMW Z4, особено верзиите со атмосферски шестцилиндрични мотори кои нудат чисто и динамично возачко искуство.
Во луксузниот сегмент, вредноста постепено ја зголемува и Audi A8 благодарение на алуминиумската каросерија и моќните мотори.
На листата се наоѓаат и Volkswagen Transporter T4, популарен меѓу љубителите на патувања и кампери, како и необичниот Citroën C6, чија хидропневматска суспензија и уникатен дизајн го прават вистинска реткост на пазарот.
Експертите советуваат дека доколку поседувате ваков автомобил во добра состојба, можеби е подобро да го задржите. Со текот на времето, ваквите модели често стануваат вистински класични автомобили чија вредност може значително да порасне.