
Автомобилот што до вчера без проблем го палел моторот, по првата студена ноќ може едвај да го заврти моторот или воопшто да откаже послушност. Нiskite температури ги забавуваат хемиските процеси во акумулаторот и ја намалуваат неговата расположлива моќност, поради што токму во овој период излегуваат на виделина сите скриени слабости кои во текот на топлите денови биле сокриени.
Затоа е препорачливо состојбата на батеријата да се провери пред првите сериозни минусни температури.
Колку трае акумулаторот и кога е време за замена?
Акумулаторот нема фиксен рок по кој задолжително треба да се замени. Според податоците од ADAC, вообичаениот век на траење изнесува приближно четири до пет години, макар што одредени примероци можат да потраат и значајно подолго. Староста е секако повод за превентивна проверка пред зимата, но конечната одлука за замена секогаш треба да се носе врз основа на реалната состојба.
Првиот вистински мраз е немилосрден тест:
Поспоро палење: Ако електропокретачот (анласерот) го врти моторот побавно од вообичаено, тоа е првиот знак за тревога.
Треперење на светлата: Ако предните светла изразито ослабат или треперат при обидот за палење, батеријата е при крај.
Често палење со кабли: Ако возилото повремено бара помош со кабли, проверката повеќе не смее да се одложува.
Сепак, испразнетиот акумулатор не мора секогаш да биде и дотраен. Кратките градски релации, долгото стоење на возилото или одреден потрошувач што црпи струја додека автомобилот е паркиран можат да ја испразнат дури и исправната батерија.
Каков акумулатор да изберете?
При изборот на нов акумулатор, важно е да се знае намената:
Класични оловно-киселински: Наменети за возила без систем start-stop.
EFB акумулатори: Подобро поднесуваат често празнење и полнење.
AGM акумулатори: Електролитот е впиен во стаклени влакна, што одговара на попребирливи start-stop системи и возила со повраток на енергија при кочење.(Важно: Ако производителот пропишал AGM, задолжително се вградува AGM, додека EFB батериите не смеат да се заменуваат со обични модели).
Покрај напонот од 12V, при купувањето треба да се внимава на две клучни ознаки: капацитетот во ампер-часови (Ah) кој покажува колку енергија може да складира батеријата, како и струјата на ладно стартување (CCA во ампери) која ја дефинира способноста за палење при ниски температури.
Совети за безбедно палење со кабли или туркање
Ако се најдете во ситуација батеријата да ве изневери, внимавајте на правилата:
Палење со кабли: Користете црвен кабел за позитивните полови (+), а црниот кабел спојте го на негативниот пол на исправната батерија, додека другиот крај поврзете го на предвидената маса на дефектното возило (поддалеку од неговиот акумулатор). Оштетени, протечени или смрзнати акумулатори не смеат да се палат со кабли.
Палење со туркање: Кај поедини модели со рачен менувач ова е изводливо, но современите автомобили имаат многу ограничувања и ризик од оштетување, па стручната помош или преносниот стартер се секогаш побезбеден избор. Автомобилите со автоматски менувач никогаш не смеат да се палат со туркање.