Почетна Актуелно Голем пресврт...

Голем пресврт кај јапонскиот бренд: Subaru од 2028 година во Европа се откажува од легендарните боксер мотори и преминува само на електрични возила

1
FILE PHOTO: Subaru Corp. President and CEO Tomomi Nakamura stands next to the first all-electric vehicle (EV) Solterra during an unveiling event in Tokyo, Japan November 11, 2021, in this photo taken by Kyodo. Mandatory credit Kyodo/via REUTERS

Јапонскиот производител Subaru се подготвува за историски чекор на европскиот пазар, најавувајќи дека до крајот на 2027 година целосно ќе ги повлече сите модели со класични мотори со внатрешно согорување.

Марката која децении со ред беше препознатлива по своите култни боксер мотори и врвниот симетричен погон на сите тркала, од 2028 година на европските купувачи ќе им нуди исклучиво електрични автомобили. Оваа важна одлука официјално ја потврди германското претставување на компанијата за магазинот Auto Motor und Sport.

Заминуваат омилените модели: Прв на удар е Outback
Големата трансформација значи дека од европската понуда постепено ќе исчезнат бензинските и хибридните изведби на популарните модели Outback, Impreza, Crosstrek i Forester.

Процесот започнува уште оваа година со повлекувањето на актуелниот Outback кој користи 2,5-литрски атмосферски боксер мотор со 169 коњски сили. Во текот на 2027 година ќе следат и останатите модели со дволитарскиот хибриден погон e-Boxer од 136 коњски сили.

Сепак, ова не претставува глобален крај за боксер моторите – Subaru продолжува да ги развива овие агрегати за други пазари низ светот, често во комбинација со нови хибридни системи.

Строгите европски норми ги наметнаа промените
Како главни причини за оваа радикална одлука се наведуваат сѐ построгите европски прописи за средните емисии на јаглерод диоксид (CO₂), како и скапите барања за хомологација на нови безбедносни системи. За помалите автомобилски марка како Subaru, која продава помал обем на возила во Европа, финансиите потребни за приспособување на старите мотори стануваат сѐ потешко одржливи.

Трите електрични модели ја преземаат целата пазарна понуда
Од 2028 година, палетата на Subaru во Европа ќе се потпира на три целосно електрични модели развиени во стратешка соработка со Toyota:

Solterra (технички поврзана со Toyota bZ4X)

Uncharted (поврзана со Toyota C-HR+)

E-Outback (поврзана со Toyota bZ4X Touring)

Интересно е што со ова и култнто име Outback ќе остане присутно во Европа, но во целосно електрично издание, со напреден погон на сите тркала, поголем досег и можност за ултра-брзо полнење.