Продажбата на автомобили во ЕУ повторно расте: Хибридите убедливо најбарани

Пазарот на нови автомобили во Европската унија повторно се стабилизира, откако во февруари е забележан благ, но значаен раст. Според најновите податоци, во ЕУ се регистрирани 865.437 нови возила, што претставува зголемување од 1,4 проценти во споредба со истиот месец минатата година.

Овој позитивен тренд доаѓа по послабиот почеток на годината, а закрепнувањето најмногу се должи на подобрените резултати на најголемите пазари како Германија, Италија и Шпанија.

Кога станува збор за типот на возила, хибридите продолжуваат да доминираат на европскиот пазар. Тие сочинуваат дури 38,7 проценти од сите новорегистрирани автомобили, што ги прави убедливо најпопуларен избор кај купувачите.

Зад нив следуваат бензинските автомобили со удел од 23,1 процент, додека целосно електричните возила учествуваат со 18,3 проценти. Plug-in хибридите имаат удел од 9,7 проценти, а дизелите паѓаат на само 8,1 процент.

Особено впечатлив е растот на електричните автомобили, чија продажба во февруари пораснала за повеќе од 20 проценти. Најголем скок е забележан во Германија, Франција, Данска и Италија, што покажува дека интересот за електрична мобилност продолжува да се зголемува низ цела Европа.

И покрај тоа што вкупната продажба на почетокот на годината сè уште е малку под нивото од лани, поради падот во јануари, јасно е дека европскиот пазар се движи кон електрификација. Хибридите и електричните модели стануваат сè подоминантни, додека класичните бензински и дизел возила постепено го губат своето место.

НАЈНОВИ